Претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ откри дека АБА лигата во новата сезона ќе има два нови члена, но откри и кои ќе бидат тие.
Станува збор за романскиот Клуж и австриската Виена кои ќе дебитираат во регионалното натпреварување како први екипи од овие држави во АБА лигата. За нивното влегување се зборуваше и претходниот период со тоа што никој од организацијата не кажуваше отворено дали станува збор за шпекулации или проверени информации.
„Продадовме две специјални покани, една на Клуж и друга на Виена. Тие сега влегуваат на нашиот пазар, па АБА лигата нема да биде само регионална, туку ќе биде со пазар од над 50 милиони луѓе, плус Дубаи кој е економски силен и со големо значење во светот“, изјави, меѓу другото, Мијаиловиќ.
Клуж веќе пет години по ред е шампион на Романија, а последните две сезони стигнува и до четвртфиналето на Еврокупот каде игра значајна улога. Виена е далеку од тој квалитет во моментов, последната сезона ја заврши на деветтото место во австриското првенство, но очигледно има високи амбиции и сака да го продолжи својот развој.


