Лука Вилдоса вчера и официјално стана нов кошаркар на Партизан, но аргентинскиот плејмејкер би можел да донесе уште една важна придобивка за „црно-белите“.
Според српските медиуми, во тек е постапка за добивање српско државјанство, што би му овозможило во иднина да настапува со српски пасош и да нема статус на странец во домашните натпреварувања.
Вилдоса веќе неколку години е тесно поврзан со Србија. Поранешниот кошаркар на Црвена Звезда е во брак со српската одбојкарка Милица Тасиќ, со која има син, а минатата година премина и во православна вера. Токму поради овие околности, добивањето српско државјанство се смета за реална можност.
Доколку ја заврши процедурата, Партизан ќе добие дополнителна флексибилност при составувањето на ростерот, бидејќи Вилдоса нема да зазема место предвидено за странски играч. Тоа би му овозможило на клубот полесно да ангажира нови интернационалци без ограничувања во домашните натпреварувања.
Аргентинецот летово потпиша двегодишен договор со Партизан по заминувањето од Виртус Болоња, а неговото враќање во Белград веќе предизвика големо внимание, особено поради фактот што претходно настапуваше за најголемиот ривал, Црвена Звезда.


