По седум победи во низа, Еуро Никел доживеа пораз во домашното првенство и тоа во дербито на 16. коло.
Подобар од кавадаречкиот тим беше МЗТ Скопје кој во директниот дуел за првото место во салата „Јасмин“ славеше со 99-88 по продолжение и на шест кола пред крајот на основниот дел веројатно ја обезбеди првата стартна позиција пред плејофот. За тоа да не се случи, во следните шест меча аеродромци треба да доживеат два пораза, а Еуро Никел и Работнички се да победат.
И покрај поразот, Еуро Никел одигра одличен натпревар и покажа дека заслужено се наоѓа при врвот на табелата и сигурно ќе се бори за титулата. Својата шанса кавадарчани ја испуштија во втората четвртина кога, пред се благодарение на Џексон Дубински и неговиот шут од дистанца се одлепија на +8 (38-30), на помалку од три минути пред крајот. Место потоа мирно да го приведат полувремето кон крај, дозволија МЗТ Скопје да направи серија од 9-0 (11-0 заедно со стартот на третата четвртина) и на голем одмор да замине со предност.
По неколку минути израмнета игра, гостите се одлепија на 60-50 и останаа во водство до последните моменти од мечот. Се чинеше дека се е готово кога на 33 секунди пред крајот Танасковиќ ги донесе во водство од 78-73, но и МЗТ не успеа да го сочува своето водство. Во пенал завршницата, Еуро Никел успеа да дојде до израмнување и до дополнителни пет минути.
Сепак, во нив немаше сила за ново изненадување. Се разиграа Војдан и Дамјан Стојановски кои во продолжението постигнаа пет тројки, им се придружи Ворку со пет поени и на крајот МЗТ Скопје оствари и убедлива победа.
Танасковиќ беше прво име на мечот со 23 поени, 9 скока и 4 асистенции, Војдан додаде 20 поени, Ворку 17, а Дамјан 11. Дубински го предводеше Еуро Никел со 26 поени, Смит оствари дабл дабл со 17 поени и 11 скока, а Глигоријевиќ постигна 12 поени и 9 скока. За МЗТ Скопје ова беше прва победа во домашното првенство во 2024 година откако загуби во воведните два меча, од Пелистер и Работнички.


