Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје поведе со 1-0 во полуфиналната серија со ТФТ откако вечерва славеше на домашен терен со 79-77.
Исклучително драматичниот меч беше решен буквално во последната минута, а ТФТ пропушти огромна шанса да ја прекине серијата порази против својот градски ривал. На точно две минути пред крајот, гостинскиот тим имаше предност од 72-70, по кошот на Виктор Ташовски, но ТФТ тука застана.
Делалиќ со четири поени по ред го врати МЗТ Скопје во предност, Ташовски израмни, а потоа дојде клучната тројка на мечот. Се разбира, ја постигна Војдан Стојановски и таа беше прва и единствена за него вечерва, по претходно пет нереализирани обиди од дистанца. За ТФТ остана доволно време, но тимот од Тафталиџе мораше да брка тројка, Калхун не беше прецизен, а Делалиќ само стави точка на мечот. Тројката на Калхун во последниот напад дојде предоцна за ТФТ.
Според ефектот, Танасковски беше најдобар играч на МЗТ Скопје со 15 поени и 7 скока и индекс 23, но Војдан Стојановски заврши како прв стрелец со 16 поени. Виктор Ташовски беше единствениот екстра-расположен играч на ТФТ, постигна 24 поени и долго време тој го одржуваше својот тим во предност. Вториот натпревар од серијата се игра повторно на теренот на МЗТ Скопје.


