Грчкиот и европски шампион Панатинаикос вчера играше пријателски меч со Галатасарај во Истанбул, а повторно во центарот на вниманието беше тренерот на клубот од Атина, Ергин Атаман.
Пред домашните навивачи, тој гестикулираше 3-1 што е резултат од неодамнешниот натпревар на фудбалските екипи на Галатасарај и Фенербахче што предизвика земјотрес во турската кошарка. Атаман подоцна се извини, но од Фенер денеска излезе соопштение дека поради него, клубот повеќе нема да им дозволува на своите кошаркари да играат за репрезентацијата на Турција чиј селектор е токму тренерот на ПАО.
„Репрезентацијата припаѓа на секој од нас и секој нејзин член треба да се однесува со голема одговорност. Однесувањето на на Атаман е сосема спротивно, а извинувањето е смешно. Кошаркарскиот клуб Фенербахче јавно соопштува дека додека е оваа индивидуа на селекторската функција, ние нема да ги пуштаме нашите кошаркари во машката сениорска репрезентација“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Фенербахче.
Клубовите од Евролигата немаат обврска да ги пуштат своите кошаркари, но во интерес на домашната кошарка и репрезентацијата Фенербахче им дозволува да играат кога нема судир со календарот во елитното клупско натпреварување.


