Српскиот и АБА вицешампион Партизан денеска го објави крајот на соработката со тројца кошаркари кои беа меѓу стандардните минатата сезона.
Станува збор Пи Џеј Доузер, Френк Камински и Матеуш Понитка кој уште вчера објави дека не се враќа меѓу „црно-белите“. Со тоа продолжува ремонтот во редовите на белградскиот клуб каде во однос на минатата сезона, на крајот би можеле да останат само уште 3-4 кошаркари.
Претходно од Партизан официјално си заминаа уште Кевин Пантер, Зек Ледеј и Ален Смајлагиќ, а на излезна врата се уште Џејмс Нанели и Огњен Јарамаз. Специфична е ситуацијата со Бруно Кабокло кој сака да си оди, но има договор со клубот.
Досега како нови играчи се потврдени Вања Маринковиќ, Френк Нтиликина и Ифе Лундберг, а се преговара со уште неколку кошаркари чии трансфери би можеле да бидат објавени уште денеска. Од оние кои играа минатата година, сигурен за претстојната е само Балша Копривица, а би можел да остане и Алекса Аврамовиќ иако пред неколку дена се шпекулираше дека и тој ќе си оди.


