Смешни беа сумите што оваа сезона ги добија клубовите од Евролигата за своите резултати во елитното кошаркарско натпреварување, некои дури завршија без приходи поради пласманот на табелата.
Додека кошарката во Европа е ниско профитабилен спорт, во САД, односно во НБА се вртат баснословни суми. Најсилната светска кошаркарска лига ги продаде телевизиските права за следните 11 години за сума од 76 милијарди долари што значи дека годишно од оваа ставка ќе има приходи од 6,9 милијарди. За споредба, новиот договор ќе биде 2,5 пати поголем од досегашниот.
Правата за емитување на НБА натпреварите ги добија неколку компании и телевизии. Во тимот на емитери влегува компанијата Амазон која ќе плаќа по 1,8 милијарди долари по сезона за стримување, а тука се и традиционалните партнери НБЦ и ЕСПН. Новина е тоа што во иднина, натпревари од НБА нема да пренесува телевизијата ТНТ која имаше одличен тим коментатори: Чарлс Баркли, Шекил Онил, Ерни Џонсон, Кени Смит итн.
Голем дел од тие 76 милијарди долари ќе им припаднат на клубовите кои со тоа ќе добијат значајна финансиска инјекција.


