Францускиот шампион Монако доживеа пораз од Париз во петтото коло од Евролигата и го расипа својот пласман на табелата во Евролигата.
Иако за противник имаа екипа од домашното првенство и последните две сезони често се среќаваа со него, во Монако се полни со комплименти за македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс. Својот восхит кон плејмејкерот го објавија јавно, преку социјалните мрежи.
„Не ги фалиме често своите противници… Но, Ти Џеј Шортс е играч каков ѝ беше потребен на Евролигата“, напиша администратотот на профилот на Монако. Комплиментите на сметка на Шортс особено импонираат ако се знае дека Монако учествува во Евролигата последните пет сезони и играл против низа европски и странски ѕвезди, а одлучи да го пофали токму македонскиот репрезентативец.
Шортс оваа сезона дебитира во Евролигата, но не му беше потребен период на адаптација во елитното натпреварување. Од почетокот игра одлично, а синоќа оствари индекс 38 со што ја истакна својата кандидатура за МВП на колото.


