Новинарот на ЕСПН, Тим Бонтем направи анкета за тоа кој е најголем фаворит за МВП признанието за претстојната сезона во НБА лигата.
Во изборот анонимно учествуваа 20 тренери, скаути и раководители на НБА тимови, а резултатите од него се запрепастувачки. Од 20. гласачи, дури 19 го избраа Јокиќ, еден гласаше за Лука Дончиќ, а актуелниот МВП, Шеј Гилџес Александер не доби доверба од никого.
„Се додека оди и дише, МВП треба да биде Јокиќ“, наводно изјавил еден од функционерите на франшиза од Источната конференција кога бил прашан кој треба да ја добие индивидуалната награда.
Никола Јокиќ веќе има три МВП признанија, а минатата сезона не го освои и покрај тоа што имаше трипл дабл просек. Одлучи лошиот пласман на Денвер Нагетс во однос на Оклахома Сити Тандер која беше најдобар тим во лигата, па Шеј Гилџес Александер ја освои наградата.


