Екипата на Водно Санс ја освои шампионската титула во У20 лигата откако во вечерашното финале во Гевгелија го совлада Вардар со 93-86.
„Црно-белите“ одиграа одлично прво полувреме кое го добија со 50-37 и потоа беа доволно умешни да ја задржат предноста и да дојдат до победата. Вардар ниеднаш не се најде во водство, додека Водно Санс во еден период имаше предност и од 21 разлика.
Тоа се случи на околу две минути пред крајот на третата четвртина кога на семафорот стоеше 74-53. Во финишот Вардар направи притисок, на 67 секунди пред крајот се доближи на само пет поени негатива (84-89), но немаше ни време, ни сили за целосен пресврт.
Митев го предводеше победничкиот тим со 31 поен, Димитриев постигна 17 со 12 скока, а Трајанов 10 поени со 11 скока. Ѓорѓевиќ беше најефикасен кај Вардар со 28 поени, но Данев беше најдобар играч на „црвено-црните“ со 18 поени и 13 скока и индекс 30.
Бронзениот медал во оваа конкуренција отиде кај Феникс кој во мечот за третото место беше подобар од Кожув со 94-70.


