Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација денеска во Виена го започнува вториот претквалификациски циклус за пласман во квалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Првиот предизвик за избраниците на селекторот Жосеп Марија Берокал е селекцијата на Австрија, а евентуален позитивен резултат на гостински терен би бил исклучително важен чекор во борбата за пласман во следната фаза.
Капитенот Војдан Стојановски и на овој репрезентативен собир ја предводи Македонија. Искусниот кошаркар добро го познава значењето на денешниот натпревар и очекува максимална концентрација од првата до последната секунда.
„Нашата цел е јасна – победа против Австрија. Но, за да го оствариме тоа, ќе мора да бидеме перфектни и борбени во текот на сите 40 минути. Не треба да нè залажува нивниот пораз од Кипар. Играат на домашен терен и тука секогаш се менуваат работите“, вели Стојановски.
Австрија во вториот циклус влезе со пораз од Кипар со 72-77, но капитенот предупредува дека тој резултат не смее да биде причина за опуштање кај македонските кошаркари.
Македонија во Виена ќе настапи без Андреј Јакимовски, кој не доби дозвола од својот клуб да биде дел од репрезентативниот состав. Според Стојановски, неговото отсуство е голем хендикеп, бидејќи ова можеше да биде првпат Македонија да настапи во комплетен состав.
„Имаме добар тим. Штета што нема да игра и Андреј Јакимовски, бидејќи за првпат ќе бевме комплетни. Иако имавме малку проблеми со здравствениот билтен, сепак трениравме добро и се подготвивме за овој натпревар“, истакнува капитенот.
Националниот тим во Виена пристигнува во добра атмосфера, а дополнителна мотивација за кошаркарите може да биде поддршката од македонските навивачи кои живеат во Австрија.
Стојановски очекува трибините да не бидат целосно на страната на домаќинот и се надева дека Македонија ќе има сериозна поддршка во клучните моменти.
„Се надевам дека и ние ќе имаме поддршка од трибините. Македонците во Австрија најавија поддршка, која ќе биде од огромно значење“, додава Стојановски.
Македонија во новиот циклус влегува со големи амбиции, а победа во Виена би била одлична основа за продолжение на битката во групата Ф, каде што се наоѓа и Кипар.


