Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје ја оствари втората победа во АБА 2 откако вечерва славеше на гостувањето кај Студент со 85-82.
Апсолутен херој на нашиот тим беше ветеранот Војдан Стојановски кој не заврши како најдобар стрелец, но ја победи клучната тројка со звукот на сирената. МЗТ Скопје водеше во најголемиот дел од мечот, имаше и +14 во третата четвртина, но малку недостасуваше сето тоа да го испушти и со празни раце да си замине од БиХ.
Студент иако дебитант во регионалното натпреварување, се покажа како мошне жилав ривал. Не се откажа во ниеден момент, а по негативата од 14 поени во третата, дојде до водство со 73-70 во последната четвртина. МЗТ Скопје одговори со шест поени во низа, на 22 секунди пред крајот водеше со 79-75, но ни тоа не беше доволно за да се скрши отпорот на домашниот тим.
Фарахан можеше да ја однесе славата бидејќи во финишот погоди две луди тројки (една од табла) и се погрижи за израмнување на резултатот. Којзнае што ќе се случеше ако Хреља ги погодеше двете слободни фрлања за Студент, но сепак во последните пет секунди се влезе со 82-82. Последниот напад го имаше МЗТ, топката дојде до Војдан, а овој во негов стил погоди тројка за голема победа на македонскиот првак кој на овој меч беше ослабен со неиграњето на Мак Смит.
Атанасов го одигра натпреварот со само осуммина кошаркари, најефикасен беше Мекејден со 26 поени, а Војдан постигна 20. Во четвртото коло, на 18 ноември, МЗТ Скопје има уште еден босански ривал, исто така дебитант, екипата на Јахорина.


