Трет пат во својата кариера, македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски е прогласен за МВП на финалната серија.
Иако на залезот на четвртата деценија од животот, репрезентативецот се уште е незаменлив во редовите на шампионот и веројатно нема намера да застане на досегашните достигнувања. Првиот меч не му беше најдобар, постигна само шест поени, но во вториот броеше до 18, а вечерва до 17 со што беше најефикасен во својот тим.
Претходните две МВП признанија, Војдан ги освои во 2011 и 2023 година. Првото му припадна како играч на Фени Индустри, а второто откако се врати во Македонија, во дресот на МЗТ Скопје. Повеќе МВП признанија во финалните серии има само неговиот брат Дамјан Стојановски – пет.
Наградата на Војдан дополнително добива на значење ако се знае дека во март повреден се врати од репрезентативната акција во Баку и мораше да паузира околу 40 дена. Во тој период МЗТ влезе во мала резултатска криза, но 38-годишниот кошаркар ја санира повредата и се врати навреме за да го одведе тимот до нова шампионска титула.


