КК Војводина продолжува со градењето на ростерот за новата сезона, а соработката со Дубаи носи уште две млади кошаркарски имиња во Нови Сад.
Нови членови на Војводина се Лукас Кубала, млад словачки крилен центар и Имран Субашиќ, кошаркар од Босна и Херцеговина. Двајцата пристигнуваат од младинскиот состав на Дубаи, учесник во Евролигата и АБА-лигата, и во новиот клуб ќе го направат првиот чекор во сениорската конкуренција.
Кубала минатата сезона во јуниорската АБА лига настапи на три натпревари и просечно постигнуваше 7,3 поени, 2,3 скока и 0,7 асистенции, за нешто повеќе од 20 минути на паркетот. Субашиќ, исто така на три натпревари, имаше просек од 4,3 поени, 2,3 асистенции и 2 скока, со 17,3 минути по натпревар.
Ова не е првпат Војводина да се потпре на соработката со Дубаи со кого минатата недела потпиша меморандум за соработка и стана негова филијала. Претходно во Нови Сад пристигна и 16-годишниот центар Сумаила Кеита, кој во Дубаи дојде од шпанска Сарагоса.
Во Војводина, сепак, младите играчи ќе имаат сериозна конкуренција за минутажата. На позициите под кошевите клубот веќе ги ангажираше искусниот Александар Бурсаќ, како и Душан Танасковиќ, двајца поранешни кошаркари на актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје.
Со новите играчи клубот од Нови Сад идниот викенд ќе дојде во Скопје на одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Работнички.


