Еден од најуспешните тренери во историјата на НБА, Џорџ Карл му сугерираше на Леброн Џејмс дека е време да ја заврши својата играчка кариера.
Леброн за 19 дена ќе наполни 40 години, но се уште игра во врвна форма и сезонава просечно постигнува по 23 поени, 9,1 асистенција и 8 скока што е одличен ефект за кошаркар на негова возраст. Сепак, Карл смета дека е доста за него и дека треба веќе да размислува за пензија.
LeBron has done so much for our Game. And we are all grateful for it!
— George Karl (@CoachKarl22) December 10, 2024
And it’s time for him to ride into the sunset as a player. 🙏
„Леброн направи многу за кошарката и ние сме му благодарни за тоа. Време е да замине во пензија како играч“, напиша Карл на Твитер каде е мошне активен по завршувањето на тренерската кариера.
Ова не е првпат тој да упати провокации на сметка на Леброн. Повеќе пати досега истакнал дека не му ја „признава“ титулата освоена со Лејкерс во 2020 година кога се играше во „балон“, а потоа објави дека Мајкл Џордан е најдобар играч на сите времиња.
Карл е поранешен тренер на Кливленд, Голден Стејт, Сиетл, Милвоки, Денвер и Сакраменто и со 1.155 победи се наоѓа на шестото место на вечната листа во НБА, зад Грег Попович (1.388), Дон Нелсон (1.335), Лени Вилкинс (1.332), Џери Слоун (1.221) и Пет Рајли (1.210).


