Ждрепката пред почетокот на сезоната посака, првото големо дерби во македонското првенство да се одигра веќе во второто коло.
Актуелниот шампион МЗТ Скопје оди на гости кај својот предизвикувач во сите финални дуели во 2024 година – Пелистер. Тимот од Аеродром излезе како победник во сите пресметки за трофеите, прво во Купот на Македонија во Битола, па во финалето од првенството, повторно во Битола и на крајот, во Суперкупот на Македонија пред две недели во Скопје. Овие две екипи играа во финалето од плејофот претходните три сезони и во трите случаи победуваше МЗТ Скопје кој е најголем виновник што Пелистер се уште е без пехар во своите витрини. Меѓу другото, бранителот на тројната круна во македонската кошарка е во серија од пет победи во меѓусебните дуели со својот ривал.

Денешниот натпревар доаѓа во исклучително сензитивен период за двете екипи. МЗТ Скопје пред два дена гостуваше во Загреб кај Цедевита Јуниор во рамките на АБА 2 лигата и го доживеа првиот пораз во сезоната, додека Пелистер во вторник го очекува гостување во истото натпреварување, но во Подгорица. За шампионот се пеколни последните 48 часа, а битолчани ќе го поминат истото во следните три дена.
Натпреварот во Битола се игра денеска од 18:30 часот, а домашниот тим се обиде да го зголеми интересот кај навивачите со тоа што одреди симболична цена од 100 денари за билетите. Затоа може да се очекува полна сала и добра атмосфера, а јасно е дека претстои голема битка за триумфот.
Во рамките на второто коло од Првата лига, за одбележување е првиот меч на домашен терен на МКК Куманово во елитната конкуренција, денеска од 18 часот против Тиквеш, како и градското дерби меѓу Феникс и Чаир кое е на програмата утре од 17 часот.


