Откако пред две недели МЗТ Скопје се раздели со Васко Атанасов, денеска се случува и втората тренерска смена во кошаркарската Суперлига на Македонија.
Интересно е тоа што по шампионот, на ваков потег се одлучи и вицепрвакот Скопје (поранешен Маџари) кој ја прекина соработката со Мирко Петрески и на негово место го назначи Александар Петровиќ. Освојувачот на една шампионска титула со МЗТ Скопје се враќа на клупата по пауза од девет месеци откако во февруари годинава ја напушти тренерската позиција во Гостивар.
Претходно, покрај МЗТ Скопје, работеше и во Пелистер, Академија ФМП, Куманово и Карпош Соколи.
Вицешампионот нема добар старт на сезоната, по шест кола е со само една победа и на последното место на табелата во Суперлигата, па Петровиќ пред себе ќе има исклучително тешка работа. На неговиот претходник не му одеше во прилог ниту распоредот бидејќи во овие шест кола Скопје играше со речиси сите кандидати за највисок пласман: МЗТ Скопје, Работнички, ТФТ и Кожув, а единствената победа ја оствари против Струмица.
Петровиќ денеска ќе почне со тренинзи со екипата, а своето деби на новата позиција ќе го забележи в недела против Штип на гостински терен.


