Довчерашниот играч на Барселона, Џабари Паркер се наоѓа пред трансфер во Партизан и може да биде најголема кошаркарска бомба во белградскиот клуб летово.
Дека навистина постојат преговори, потврди и менаџерот на кошаркарот Никос Локос кој објасни како стојат работите во моментов.
„Вистина е, многу сме блиску до договор со Партизан“, изјави Локос за српските медиуми и ги израдува навивачите на „црно-белите“.
Паркер има деветгодишно НБА искуство имајќи предвид дека од 2014 до 2023 година настапуваше за Милвоки, Чикаго, Вашингтон, Атланта, Сакраменто и Бостон. Сепак, факт е дека не го искористи максимално својот потенцијал, имајќи предвид дека Бакс во 2014 го избраа како втор пик на драфтот, а вкупно во НБА одигра само 310 натпревари. Причина за тоа беа неколкуте повреди поради кои пропушташе речиси цели сезони, па во последните четири години во НБА, вкупно настапи на само 31 меч.
Пред две сезони одлучи да си замине оттаму и да се пресели во Европа, Барселона беше добра опција, Паркер ја врати посакуваната форма, но не успеа да освои ниеден трофеј. Неофицијално, Партизан му понудил двегодишен договор за вкупно пет милиони евра.


