Репрезентацијата на Словенија е драстично ослабена на Европското првенство и очекувањата во земјата не се големи, но синоќешниот пораз од Полска предизвика негативни реакции во јавноста.
Пред се, незадоволен поранешниот југословенски репрезентативец и словенечка кошаркарска легенда Петер Вилфан кој на националната телевизија беше во улога на стручен коментатор. Тој подолго време ја критикува работата на Кошаркарскиот сојуз и на селекторот Александер Секулиќ, но сега беше особено остар во својата анализа.
„Бев позитивен на почетокот на мечот, бев позитивен и на полувреме, но искрено, нема ни желба, ни волја да продолжам да бидам позитивен. Она што го видовме во второто полувреме беше тотална катастрофа, но играта во третата четвртина беше суперкатастрофа. Она што го гледаме на ова првенство значи дека на натпреварувањето сме дошло тотално тактички неподготвени. Ова е целосна импровизација, а само Лука Дончиќ е способен за тоа.

На Лука Дончиќ му е потребна поддршка од клупата или помош од тренерот. Кога тој доби техничка грешка, мораше да има минута одмор за селекторот да поразговара со него и да му каже како да се однесува. Од -6, отидовме на -13 и дури тогаш имаше тајмаут, во момент кога натпреварот беше, практично, решен.
Не можам да ги разберам изјавите на Секулиќ дека одбраната била добра. Ќе морам повторно да го гледам натпреварот и посебно ќе обрнам внимание на тоа дали селекторот воопшто беше на клупата. Она што го рече нема врска со реалноста и тоа што се случуваше со Полска“, анализираше Вилфан.
Александер Секулиќ летово беше назначен за нов тренер на Зенит и претстојната сезона ќе му биде „шеф“ на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ.


