Екипата на Работнички го доживеа вториот пораз во АБА 2 лигата откако денеска загуби на гостувањето кај Војводина со 62-93.
Победата на домаќинот е превисока во однос на она што се случуваше на теренот бидејќи Работнички се одржуваше во игра и беше на пристојна негатива повеќе од едно полувреме. Војводина на периоди имаше двоцифрена предност во втората четвртина, но на половина од третиот квартал резултатот беше 54-46.
Тука домаќините уфрлија во повисока брзина и многу брзо го решија прашањето околу победникот. Со серија од 19-4 отидоа на 73-50, а во последниот период веќе ја надминаа и границата од 30 разлика, па можеа растоварено да го приведат натпреварот кон крај.
Главната причина за високиот пораз лежи во тоа што товарот во играта на Работнички падна врз само седуммина кошаркари. „Центарци“ заминаа во Нови Сад со десет играчи, но Јовичиќ не играше поради повреда, а Стојановски и Спасовски заедно искомбинираа пет минути на теренот и тоа во моменти кога победникот беше решен. Долго време Работнички се одржуваше во игра благодарение на одличниот шут за тројка, во првото полувреме погоди дури 9 од 19, но во второто, кошаркарите ги стигна заморот и имаа 2/16 од дистанца.
Најдобар беше Виктор Ефремовски со 17 поени, вклучувајќи пет тројки, Ѓуроски додаде 15 поени, а Шошкиќ како единствен плејмејкер во тимот, на теренот помина 38 минути и остави одличен впечаток со 10 поени и 8 асистенции. Во третото коло, на 23 октомври, Работнички игра на домашен терен против Босна.


