Српскиот претседател, Александар Вучиќ упати јавен апел до Никола Јокиќ да игра за српската репрезентација на претстојните Олимписките игри во Париз.
Во интервју на Радио телевизија Србија, тој рече дека не знае каква е одлуката на кошаркарот на Денвер Нагетс во врска со евентуалниот настап, но изрази надеж дека ќе биде со националниот тим.
„Јас него многу го сакам, многу го почитувам и него и неговото семејство и ако ова може да биде, ова е моја молба за него, да го прифати повиокот на селекторот. Канаѓаните ќе бидат многу силни, со Џамал Мареј и Шеј Гилџес Александер и ќе биде многу тешко со нив, но ако некој може да ги победи, тоа е само Србија“, порача Вучиќ.
Јокиќ лани не играше на Светското првенство на Далечниот исток и многумина го обвинија затоа што Србија не го освои златниот медал за што имаше голема шанса. Годинава нешто порано ја заврши сезоната во НБА, но уште никој не знае дали ќе игра во Париз.

