Сан Антонио Спарс во последните три децении имаше некои од најдобрите играчи кои се појавиле во НБА, освојуваше титули, но никогаш не почна сезона како оваа.
Ноќеска, тимот од Тексас на домашен терен го победи Мајами со 107-101 и првпат во својата историја стартуваше сезона со 5/0. Другите ери на франшизата ги одбележаа Дејвид Робинсон и Тим Данкан, заедно со тренерот Грег Попович, а оваа очигледно ќе помине во знакот на француското чудо Виктор Вембанјама.
Откако го пропушти крајот на минатата сезона поради тромб, Французинот игра магично во овие десетина дена откако почна сезоната, а против Мајами постигна 27 поени, 18 скока, 6 асистенции, 5 блокади и 1 украдена топка. Со овој натпревар ја продолжи импресивната серија од барем една блокада која трае веќе 90 меча што е најдолга низа во историјата на НБА лигата.
Спарс досега три пати почнуваа сезона со 4-0, последен пат во 2017 година, но никогаш не отишле над тоа. Досегашните резултати, во првата цела сезона без Попович, се можеби најава дека оваа екипа ќе атакува и на шампионската титула оваа сезона.
Кај Мајами, најдобар беше Бам Адебајо кој постигна 31 поен и 10 скока, додека Вигинс реализира 24 поени. Мора да се истакне дека гостите беа ослабени со неиграњето на Норманд Пауел, Тајлер Хиро, Каспарс Јакучионис и Никола Јовиќ.


