Сан Антонио Спарс е шампион на Западната конференција од НБА, откако ноќеска славеше на гостувањето Оклахома Сити Тандер со 111-103 во „мајсторката“ од серијата.
Ова ќе биде прво финале за Спарс уште од 2014 година, кога ја освоија последната шампионска титула предводени од легендарното трио Данкaн-Паркер-Џинобили. Главна фигура на победата беше Виктор Вембанјама, кој натпреварот го заврши со 22 поени, додека фантастичен придонес даде и Џулиан Шампањ со 20 поени, од кои дури шест тројки. Спарс имаа седум кошаркари со двоцифрен број поени, што уште еднаш ја покажа нивната тимска сила во најважниот меч од сезоната.
Лук Корнет имаше еден од клучните моменти во финишот од натпреварот кога со спектакуларна блокада го запре Ајзеа Хартенштајн и не дозволи Тандер да се врати во игра. На спротивната страна блескаше МВП-ѕвездата Шеј Гилџис-Александер со 35 поени и девет асистенции, но ниту неговата одлична партија не беше доволна за пресврт. Поразот дополнително се почувствува поради отсуството на повредениот Џален Вилијамс.
Со елиминацијата на Оклахома стана јасно дека НБА ќе добие нов шампион осма сезона по ред, а Сан Антонио сега ќе се обиде да стигне до првиот шампионски прстен по повеќе од една деценија. Големото финале помеѓу Спарс и Њујорк никс почнува на 4 јуни, а „мамузите“ ќе ја имаат шансата да ја крунисаат новата генерација предводена од феноменалниот Вембанјама. Тоа ќе биде реприза на финалето од 1999 година кога исто така играа Сан Антонио и Њујорк и славеа Спарс со 4-1.


