Најголемиот талент во НБА лигата, Виктор Вембанјама се соочува со сериозен здравствен проблем кој може предвреме да му ја заврши професионалната кариера.
Денеска на Французинот му бил констатиран тромб, односно крвно згрутчување на десното рамо што нималку не е наивно и ако не се третира доволно, може да му го загрози и животот. Ова не е прв ваков случај кај професионални кошаркари, а оние кои имаа претходно, мораа предвреме да заминат во пензија.
Најпознати се случаите со Крис Бош и Мирза Телетовиќ кои релативно рано ги завршија кариерите. Двајцата ја напуштија кошарката на 32-33 години иако имаа уште многу да дадат во овој спорт.
На Телетовиќ му беше констатирана белодробна емболија што значи дека тромбот стигнал до белите дробови и можел да предизвика кобни последици. По третманите се врати на терените и играше во НБА за Феникс и Милвоки, но во 2017 година повторно му се појави проблемот и тогаш мораше да се повлече од кошарката.
Слична беше ситуацијата со Крис Бош кому, исто така, тромбот му стигнал до белите дробови. Неговите проблеми беа откриени во 2015 година по што одигра уште една сезона и на 32 години одлучи да стави крај на кариерата.
Има и позитивни примери, како Брендон Инграм кој паузираше неколку месеци во сезоната 2018/19, но потоа се врати на терените или Кристијан Колоко кои даваат надеж дека Вембанјама би можел да се излечи. Сречна околност кај Французинот е тоа што докторите го изолирале тромбот и тој не може да направи поголеми компликации.


