Кошаркарите на Вирцбург влегуваат со победничка самодоверба во дуелот со МЗТ Скопје, откако на домашен терен славеа убедлива победа од 93-83 против Мителдојчер и обезбедија пласман во четвртфиналето на германскиот куп.
На натпреварот одигран вчера, домаќините уште во првата четвртина направија двоцифрена предност (28-13), а на полувремето заминаа со водство од 50-39. Гостите се обидуваа да се вратат во игра, но Вирцбург одговори на нивните налети и ја задржа предноста до самиот крај.
Најефикасен во победничкиот состав беше Калвин Вишарт со 19 поени, додека Кени Дај и Сем Грифин постигнаа по 12. Чарлс Томпсон запиша дабл-дабл ефект со 10 поени и 12 скока. За Вирцбург ова беше важна победа по серијата од три порази, со која тимот ја врати самодовербата пред следниот предизвик.
Германскиот состав веќе утре од 19 часот го очекува дуелот со МЗТ Скопје Аеродром во рамките на ФИБА Европа купот, на негов терен. За македонскиот првак тоа ќе биде тежок гостински предизвик против тим кој ќе се обиде да ја пренесе добрата форма од домашниот куп и на европската сцена. По првите две кола, МЗТ Скопје има два пораза, двата на домашен терен, од Ираклис и Тарту.


