По повеќе од две недели подготовки и одиграни три пријателски натпревари, селекторот на У20 репрезентацијата на Македонија, Горан Самарџиев ги сумира впечатоците од досега сработеното.
Младинците први од нашите машки селекции го почнуваат настапот на европските првенства и тоа од 11 до 20 јули во Ерменија.
„Задоволен сум од досегашното залагање на момците, бидејќи, и тоа како, се борат за место во тимот. Засега имаме навистина добра атмосфера и секој ден гледаме да напредуваме се повеќе и повеќе како репрезентација, без разлика на тоа што овие момци немаат, ама скоро никакво, прволигашко искуство.
Ќе дадеме максимум на секој тренинг и претстојните пријателски дуели, со цел да се подготвиме што е можно подобро за Европското првенство во Ерменија. Секој од нас мора да даде 110 % од своите можности за репрезентацијата и за Македонија“, рече Самарџиев.
Оваа недела младинците ги очекуваат два пријателски меча, против Косово во Скопје и Качаник, а на Европското првенство Б-дивизија во Ереван се во група со Швајцарија, Австрија, Холандија, Грузија и Данска.


