Новата сезона во македонската кошарка официјално почнува денеска со битката за трофејот Суперкупот „Драган Василов – Цевка“.
За пехарот ќе се борат МЗТ Скопје и МКК Куманово, во мечот кој е закажан за денеска од 18 часот во Спортската сала во Куманово. Тоа е и прва официјална пресметка во новата натпреварувачка сезона.
МЗТ Скопје минатата сезона освои уште една тројна круна, а МКК Куманово обезбеди настап во Суперкупот како финалист во Купот на Македонија каде исто така на домашен терен загуби од денешниот противник.
Историјата е далеку на страната на „металците“, како во врска со денешниот натпревар, така и воопшто по успесите во македонската кошарка. Шампионот е убедливо најтрофеен во Суперкупот со осум пехари од кои пет по ред, од 2021 година до лани. Од друга страна, МКК Куманово ќе има можност за историски успех – првпат да го освои Суперкупот, а со тоа и првиот трофеј во својата кратка историја.
Кумановци значително се засилија летово, донесоа неколку искусни кошаркари, вклучувајќи ги македонските репрезентативци Бојан Крстевски и Бобан Стајиќ. Од минатата сезона тука се Стојан Ѓуроски, Андреја Стевановиќ и Максим Митевски кои заедно со новите играчи ќе се обидат да им приредат големо задоволство на домашните навивачи. Големи промени доживеа и МЗТ Скопје кај кого од минатата сезона останаа само браќата Стојановски, Маслинко и Андоноски. Ангажирани се неколку поранешни младински и актуелни сениорски репрезентативци на Македонија, како и петмина странци од кои само тројца имаат право на настап вечерва, па ќе биде интересно да се види за кого ќе се одлучи тренерот Аттанасов.
МКК Куманово вечерва ќе има шанса да стане само петтиот тим во историјата кој го освои трофејот во Суперкупот на Македонија. Претходно, во него триумфирале само: МЗТ Скопје (8 пати), Работнички и Николферт (по двапати) и Струмица (еднаш). Последниот клуб, освен МЗТ, кој го освоил трофејот е Работнички, дури во 2011 година.
ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ:
2000 – Николферт
2001 – Работнички
2002 – Николферт
2003 – МЗТ Скопје
2007 – Струмица
2011 – Работнички
2015 – МЗТ Скопје
2016 – МЗТ Скопје
2021–2025 – МЗТ Скопје


