Македонскиот првак МЗТ Скопје го доживеа вториот пораз во АБА 2 лигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Златибор со 74-102.
Дефанзивно, тоа беше едно од најлошите изданија на тимот од Аеродром последните години бидејќи не се случува често МЗТ Скопје да прима троцифрен број поени. Лошата одбрана придонесе и за проблеми во нападот, па во цело второ полувреме шампионот постигна само 25 поени.
„Штрковите“ играа одлично во првите 18 минути, барем во нападот имајќи предвид дека постигнаа 49 поени и на 100 секунди пред крајот на полувремето беа во негатива од само еден поен. Тогаш тргна домашната фурија, Златибор со почетокот на третиот период направи серија од 11-0, а ако се оди малку понатаму, таа серија изнесуваше 21-3. Во првите шест минути од третата четвртина, МЗТ Скопје постигна едвај три поени и тоа кошот под фаул на Смит. На средина од последната четвртина Златибор веќе отиде на +20 (88-68) и беше јасно дека македонскиот тим ќе доживеа убедлив пораз.
Чарлс Гил беше единствениот расположен играч кај МЗТ, постигна безмалку третина од вкупниот број поени (24), но мора да се истакне и тоа дека домашните кошаркари погодија неверојатни 19 тројки од 35 шута (54,3%). Пласманот на МЗТ Скопје по петтото коло ќе се знае дури идната недела, но јасно е дека во последните три кола, во кои игра со Војводина, Подгорица и Широки, на нашиот тим не му е дозволен кикс.


