Емотивна сцена се случи попладнево во една скопска болница откако претставници на МЗТ Скопје го посетија навивачот на овој клуб, Ристе Божиновски-Мачор кој во моментов се соочува со сериозна здравствена битка, изразувајќи уверување дека ќе излезе како победник од предизвикот што му претстои.
Кога веќе тој не можеше да го бодри омилениот клуб во Куманово, во неговата болничка соба беше донесен освоениот пехар од Купот на Македонија, како симбол на поддршка и заедништво, но фамилијарната атмосфера која владее во и околу шампионот на Македонија. Во составаот на МЗТ Скопје беа капитенот на екипата Дамјан Стојановски, директорот Филип Ѓорески и тренерот Васко Атанасов кои му врачија и златен медал, специјално обезбеден за него, со цел да му дадат дополнителен мотив и сила во борбата за оздравување.
„Мачор – цел МЗТ е со тебе“, порачаа од клубот, испраќајќи силна порака на поддршка и солидарност.
Божиновски не можеше да се воздржи и пролеа солзи, а сите навивачи на МЗТ Скопје му посакаа што побрзо да се врати на трибините на „Јане Сандански“.


