Со дуелот меѓу Вардар и Еуро Никел вечерва официјално заврши лигашкиот од македонското кошаркарско првенство.
Конечниот редослед беше познат уште вчера, по одигрувањето на првите меча од 22. коло. Градските ривали МЗТ Скопје и Работнички завршија со ист број бодови (40), односно биланс 18/4, но првото место му припадна на актуелниот шампион поради подобриот ефект во меѓусебните дуели. Интересно е тоа што двете екипи славеа како гости, со тоа што МЗТ Скопје во Кале победи со 14 поени разлика (73-59), а Работнички возврати во Кисела Вода (тогаш салата „Јане Сандански“ беше зафатена) со четири (95-91).

Слично беше во борбата за петтата и шестата позиција со оглед на тоа што ТФТ и Еуро Никел завршија со биланс 14/8, но и тука меѓусебните дуели превагнаа на страната на скопскиот тим. ТФТ на домашен терен победи со 73-56, а во Кавадарци загуби со 65-66.
Плејофот треба да почне идниот викенд по изменет систем бидејќи првпат во четвртфиналето ќе се игра до три добиени натпревари, по системот 2-2-1. Мал проблем во календарот прави учеството на МЗТ Скопје во четвртфиналето од АБА 2 лигата каде треба да се сретне со Широки од БиХ на 10 и 17 април поради што најверојатно во вторник ќе има состанок во Кошаркарската федерација, за утврдување на термините за одигрување на натпреварите.

Во плејаутот ќе играат Кожув, Охрид, Академија ФМП и Вардар кои ги пренесуваат бодовите освоени во основниот дел од сезоната. Во предност се Кожув и Охрид кои влегуваат со 27 бода, Академија ФМП има 26, а Вардар 25. Се игра по двокружен систем, вкупно шест кола, а последните две испаѓаат во Втората лига.
ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕТО
(1) МЗТ Скопје – Гостивар
(2) Работнички – Феникс
(3) Пелистер – Еуро Никел
(4) Чаир – ТФТ
ДВОЈКИ ЗА ПОЛУФИНАЛЕТО
Победник 1 – Победник 4
Победник 2 – Победник 3


