Додека во Западната конференција трае драмата меѓу Оклахома и Денвер, НБА го доби првиот учесник во финалето на Источната конференција.
На општо изненадување, тоа е Индијана Пејсерс која во пет меча го елиминира најдобриот на Истокот по основниот дел на сезоната – Кливленд Кавалирс. Ноќеска, Индијана по голем пресврт славеше со 114-105 и ќе го очекуваат својот противник во финалето, а тоа ќе биде Њујорк или Бостон (во моментов е 3-1 за Никс).
Кливленд одлично го почна петтиот меч, во втората четвртина водеше со 19 поени разлика (44-25), но тогаш се разигра Тајрис Халибартон и до полувреме го донесе гостинскиот тим на само четири поени негатива (52-56). Конечниот пресврт беше направен со серијата од 16-1 во третиот период по кој Пејсерс поведоа со 75-65 и до крајот не го испуштија водството.
Халибартон постигна 31 поен, 8 асистенции и 6 скока, а кога тој беше на терен Индијана имаше фантастични +31. Донован Мичел го предводеше Кливленд со 35 поени, недоволно за прво конференциско финале по шампионската 2018 година. Индијана втора сезона по ред е во финалето на Истокот, но откако лани загуби од Бостон со 0-4, сега ќе има што да каже, без разлика дали ќе биде истиот ривал или Њујорк.


