Екипата на МКК Куманово го победи Работнички со 90-73 во својот последен натпревар на домашен терен оваа сезона.
Кумановци одамна го обезбедија опстанокот во елитата, но одиграа максимално професионално до крај и досега победи на сите четири натпревари во плејаутот. Работнички денеска беше дополнително хендикепиран бидејќи поради повреда на задната ложа не играше капитенот Виктор Ефремовски, па со само шестмина сениори не можеше да му се спротивстави на домаќинот.
Така, победникот беше решен уште по првото полувреме кое МКК Куманово го доби 53-37, па вторите 20 минути останаа само формалност во мечот кој немаше никакво резултатско значење за ниедна од екипите. Гостите само еднаш се најдоа во водство и тоа во првата четвртина, со 7-6.
Стевановиќ одигра одличен натпревар и со 26 поени беше најефикасен кај МКК Куманово, но на високо ниво одигра и Луковиќ кој оствари дабл дабл со 15 поени и 13 скока. На спротивната страна, убедливо најдобар играч беше Рикиќ кој постигна 30 поени и 11 скока за индекс 41.


