Александар Секулиќ донел одлука да се повлече од функцијата селектор на Словенија и целосно да се посвети на новиот предизвик во Барселона, тврдат медиумите во поранешната југословенска република.
Словенечкиот стратег летово го презеде кормилото на каталонскиот гигант, а во исто време продолжи да ја води и репрезентацијата на својата земја. Сепак, комбинацијата на двете функции се покажала како сè потешка за организација, особено поради густиот календар во клупските натпреварувања и обврските во Евролигата.
Според информациите од Словенија, Секулиќ решил приоритет да му даде на Барселона и нема да ја предводи Словенија во следниот ноемвриски циклус. Тоа значи дека по шест години Словенија ќе мора да бара нов селектор. Секулиќ ја презеде репрезентацијата во 2020 година, а со него на клупата Словенците го постигнаа еден од најголемите успеси во историјата – се пласираа на Олимписките игри во Токио, каде што стигнаа до полуфиналето и на крајот го освоија четвртото место.
Словенечкиот тренер во меѓувреме започна нова голема авантура. Во Барселона го презеде тимот кој доживеа голема реконструкција во текот на летото и доби задача да создаде конкурентна екипа способна да се бори за највисоки дострели во Шпанија и Европа. Секулиќ неодамна призна дека пред него стои огромен предизвик.
„Тоа е голем предизвик. Нов тим, нови играчи, нов тренер. Но, тоа е дел од нашата работа и верувам дека со менталитетот на играчите и тренерите можеме позитивно да ги надминеме овие тешкотии“, изјави Секулиќ.
Неговото заминување од репрезентацијата не би требало да значи целосен прекин на соработката со словенечката кошаркарска федерација. Според информациите, Секулиќ е подготвен да помогне во процесот на избор на негов наследник. Следниот предизвик за Словенија ќе биде во ноември, кога репрезентацијата треба да продолжи со квалификациите за Светското првенство во 2027 година. Словенците ги очекуваат дуели со Финска и Унгарија, но јасно е дека Секулиќ нема да биде на клупата на тие два меча.
Репрезентацијата на Словенија се пред голем предизвик во квалификациите за Мундијалот бидејќи на четири кола пред крајот се трети во својата група, со ист број бодови како Шведска и Унгарија, но до крајот на циклусот ќе биде без Лука Дончиќ.


