Европската кошарка би можела да влезе во нова ера, откако Евролигата наводно изразила желба да влезе во сопственичката структура на АБА, со долгорочна цел да стане и нејзин мнозински сопственик.
Според информациите во регионалните медиуми, темата била во центарот на состанокот меѓу раководството на Евролигата и претставниците на клубовите-сопственици на регионалното натпреварување.
Интересно е што на состанокот, на инсистирање на претставниците на Евролигата, присуствувале и челниците на Дубаи и Клуж, иако нивните клубови не се меѓу сопствениците на АБА лигата. Нивното присуство се толкува како знак дека се сметаат за важни потенцијални партнери во идните планови. Разговорите се во рана фаза, а засега нема објавени детали за можниот модел на преземање, вредноста на евентуалниот договор или уделот што би го добила Евролигата.
Сè се случува во период кога европската клупска кошарка се соочува со големи промени и конкуренција околу идниот развој на натпреварувањата, вклучително и проектот на НБА за Европа.


