Кошаркарската федерација на Македонија го назначи новиот селектор на женската сениорска репрезентација кој доаѓа на местото на Александар Ашаданов.
Довербата ја доби актуелниот тренер на Крива Паланка, актуелен шампион во женска конкуренција, Виктор Петровски кој ќе го води националниот тим веќе во ноемврискиот „прозорец“ на ФИБА, во дуелите со Романија и Естонија, од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Со само 25 години, Виктор Петровски е убедливо најмлад селектор не само на женскиот национален тим, туку воопшто на која било сенипрска репрезентација на Македонија.
Тоа а уште еден голем подвиг и чекор во неговата кариера откако во мај годинава стана и најмлад освојувач на шампионска титула во домашното првенство, со Крива Паланка. Логично беше тој да ја преземе женската репрезентација бидејќи во претходниот циклус му беше помошник на досегашниот селектор Александар Ашаданов кој реши да стави крај на својот петгодишен ангажман.
Со ова назначување, Федерацијата најавува ново поглавје во развојот на женската репрезентација, со акцент на подмладување на составот, создавање континуитет меѓу младинските и сениорските селекции и афирмација на новата генерација македонски кошаркарки.
Иако е меѓу најмладите тренери во македонската кошарка, Петровски веќе може да се пофали со сериозни резултати. Неговиот тренерски пат започна со работа во младинските категории, каде што уште во 2019 година освои бронзен медал на завршниот турнир со селекцијата до 14 години. Две години подоцна, со генерацијата до 18 години стигна до златото. Во 2022 година за првпат доби можност да води сениорски тим како главен тренер, а веднаш ја покажа својата способност. Во дебитантската сезона беше прогласен за најдобар тренер во регуларниот дел од првенството, откако неговиот тим забележа серија од девет последователни победи.
Успесите продолжија и во следните сезони. Во 2023 и 2024 година обезбеди пласман во полуфиналето на националното првенство, додека во 2025 година стигна до финалето. Круна на неговата досегашна работа е 2026 година, во која ја освои шампионската титула на Македонија и трофејот во Суперкупот.
Дополнително признание за неговата работа е и изборот за „Тренер на неделата“ во регионалната ВАБА-лига во сезоната 2025/2026.
Назначувањето на Петровски не е насочено само кон резултатите, туку и кон долгорочниот развој на женската репрезентација. Новиот селектор веќе соработувал со генерацијата до 18 години, а дел од кошаркарките од таа селекција во наредниот период треба да добијат можност и во сениорскиот национален тим.
Пред Петровски ќе биде сериозен предизвик, да изгради сосема нова селекција бидејќи најголем дел од досегашните репрезентативки ставија крај на настапите за националниот тим. Следува голем рез во тимот кој воопшто нема да биде лесен и процес изградба на нова генерација која ќе треба да ги брани националните бои во следните години.


