Тензична увертира пред вечерашното големо кошаркарско дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички во „Јане Сандански“.
Кошаркар на 15-кратниот шампион на Македонија пријавил закана откако на своето возило, паркирано во подземна гаража на зграда во скопската општина Аеродром, пронашол ливче со заканувачка порака. Од Министерството за внатрешни работи го потврдија случајот во дневниот билтен, објавувајќи ги следните информации:
„На 15.11.2026 во 21:15 часот во СВР Скопје, К.Н.(30) од Скопје пријави дека на неговото патничко возило, кое било паркирано во подземна гаража од зграда на подрачјето на општина Аеродром, пронашол ливче со заканувачка порака. Според пријавеното, тој и претходниот месец на социјална мрежа, исто така, добил порака со заканувачка содржина во однос на кошаркарскиот клуб во кој сега настапува. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.“
Од клубот од Градски парк за КОШ.МК потврдија дека се работи за плејмејкерот Кристијан Николов кој од почетокот на оваа сезона е член на Работнички, а во минатото настапуваше за МЗТ Скопје и со него освојуваше трофеи. Според нив, плејмејкерот добил закана дека ќе му биде искршен автомобилот ако постигне кош на вечерашниот натпревар.


