Македонската сениорска женска репрезентација го доживеа четвртиот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
На домашен терен, нашите кошаркарки загубија од Португалија со 43-76 и заедно со поразот во четвртокот од Украина, тоа е вкупна негатива од 82 поена во само два меча. По ова станува јасно дека македонската репрезентација ќе го освои последното место во групата бидејќи во последните две кола, во февруари гостува кај Србија и Украина.
И овој меч не донесе никаква резултатска неизвесност, Португалија веќе пред крајот на првата четвртина направи двоцифрена негатива (20-10) и до крајот на мечот нашите кошаркарки не успеаја да се симнат на помала негатива. Пред крајот на натпреварот гостинките достигнаа максимални +36 и од Скопје си заминаа со исклучително вредна победа.
Анџелика Митрашиновиќ постигна повеќе од третина од поените на македонската репрезентација (16), но имаше и девет загубени топки.


