Сениорската женска репрезентација на Македонија денеска ги почна подготовките пред претстојните натпревари од квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Ова е прв собир на националниот тим по пауза од точно една година откако лани, во истиов термин се сретна со Португалија и Србија, на стартот од квалификацискиот циклус. Сега противници ни се Украина на 7 и Португалија на 10 ноември, а двата натпревара ќе ги играме во Скопје.
Селекторот Александар Ашаданов денеска ги почна подготовките со 10 од планираните 16 кошаркарки. На прозивката во Кале се појавија: Анџелика Митрашиновиќ, Илина Селцова, Мерит Хемпе, Милица Николиќ, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска, Катерина Поп-Димитровска, Ања Начевска и Михаела Алексовска со тоа што Елена Тасевска е во Скопје и заедно со Александра Стојановска се очекуваат вечерва да се приклучат на тренинзите. Проблем има кај Матеја Николиќ која на подготовките дојде со повреда на коленото и нејзиниот настап во квалификациските дуели е неизвесен.
„Во овие неколку тренинзи ќе се обидеме да ја поставиме нашата игра, да ги анализираме противниците. Прв противник ни е Украина, селекција со која не сме се сретнале во изминатите години, додека многу повеќе податоци, извесно, имаме за Португалките. Целта останува иста, да се обидеме сите заедно да дојдеме до некоја победа, ќе ни значи многу на сите нас“, рече Ашаданов.
Во првите две кола македонската репрезентација доживеа порази, па сега, пред своите навивачи ќе се обиде да дојде до првиот триумф во овие квалификации.


