Адем Мекиќ ќе има можност да го освои вториот шампионски трофеј во хрватското првенство бидејќи неговиот Задар се избори за „мајсторка“ во финалната серија против Сплит.
Актуелниот шампион ги распрсна сите надежи на поранешниот европски првак за прва титула по пауза од 21 година и во Грипе славеше со 84-55. Во ниеден момент немаше дилема околу победникот на овој натпревар, но Задар во последната четвртина тотално го понижи домаќинот, освојувајќи го тој квартал со 21-5.
Најдобар играч на натпреварот беше Лука Божиќ кој оствари трипл дабл со 25 поени, 11 асистенции и 10 скока. Се истакна и Мекиќ кој за само 11 минути во игра постигна 9 поени и беше четврти стрелец во својот тим. „Мајсторката“ ќе игра в недела од 20 часот во Задар каде се очекуваат над 8.000 гледачи.


