Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје доби парична казна од 30.000 денари затоа што на дуелот со МКК Куманово во претходното коло, на трибините имаше гледачи, односно навивачи.
Клубот од Аеродром беше казнет со забрана на присуство на гледачи на еден натпревар поради инцидентите во „вечното“ дерби против Работнички и требаше казната да ја одработи во спомнатиот дуел. Сепак, во втората четвртина од тој меч на трибините влетаа навивачи поради што играта беше прекината неколку минути.
„Во еден момент од натпреварот упаднала поголема група на домашните навивачи кои запалиле два факела и пееле навивачки песни и упатувале навредливи и вулгарни зборови кон раководството на КФСМ. Во тој момент, натпреварот бил прекинат и паузата траела околу осум минути. По тој период, навивачката група мирно ја напуштила салата“, пишува во извештајот на делегатот на тој меч Сречко Хорват.
Ова е второ коло по ред во кое МЗТ Скопје добива висока парична казна. За дербито со Работнички, клубот од Аеродром мораше да плати 64 илјади денари.


