По двата пораза во низа, Партизан се израдува на победа пред своите навивачи откако ја победи Басконија со 87-83,
Тешкиот и израмнет натпревар беше решен во последните секунди, а херој, сосема неочкувано излезе Пи Џеј Доузер. Американскиот плејмејкер имаше релативно лош настап, долго го бараше својот ритам, постигна само шест поени, но четири од нив во моментите кога се решаваше прашањето околу победникот.
Се разбира, пред него патот кон успехот го трасираа прво Камински, па Кабокло, а во меѓувреме и Пантер со неколку важни кошеви. Во третата четвртина „црно-белите“ имаа и двоцифрена предност, но Басконија не се предаде и на 39 секунди пред крајот се доближи на само два поена негатива. Тогаш на сцена стапи Доузер и со влез го однесе Партизан на недостижни +4.
Со овој триумф, белградскиот тим се одвои од Валенсија и Баерн, но само привремено бидејќи една од овие две екипи утре повторно ќе се израмни со него затоа што се среќаваат во меѓусебен дуел. Сепак, во последните четири кола, Партизан игра три пати на домашен терен и ѝ гостува на Алба и има голема шанса да се пласира во плејинот.


