Шампионот на Франција, Париз ја прекина серијата од шест порази во Евролигата откако вечерва на домашен терен ја победи Црвена Звезда со 102-92.
Мечот во Берси го одбележаа брзите акции и фантастичниот шут од дистанца на двете екипи. Двете екипи постигнаа 31 тројка од кои 16 домашниот и 15 гостинскиот тим. Сепак, Париз беше подобар и ѝ го нанесе на Звезда четвртиот пораз во последните пет кола од елитното натпреварување.
Гостите ги имаа тројцата најефикасни играчи на овој меч, Батлер, Милер Мекинтаер и Монеке кои заедно постигнаа 66 поени, но не добија соодветна поддршка од останатите кошаркари. Кај Париз поените беа порамноправно поделени, најдобар беше Робинсон со 16, а Хифи додаде 15 поени.
Оваа победа не му носи на Париз напредок на табелата бидејќи францускиот тим останува на 18. позиција на табелата, но Звезда може да испадне од топ-10 ако останатите екипи кои ѝ се конкуренти победат во ова коло.
РЕЗУЛТАТИ
Дубаи – Олимпија Милано 99-92
Фенербахче – Барселона 72-71
Жалгирис – Панатинаикос 85-92
Баерн – Хапоел 72-82
Валенсија – Басконија 91-81
Асвел – Анадолу Ефес 103-99
Париз – Црвена Звезда 102-92


