Српскиот шампион Црвена Звезда загуби на домашен терен од Жалгирис со 91-93 и падна на 16. место на табелата во Евролигата со што веројатно стави крај на сите свои надежи дека може некако да се довлечка до позиците кои водат во разигрувањето за титулата
Сега белградскиот тим има три победи помалку од десеттопласираниот Макаби, па може да почне да размислува за животот надвор од Евролига и за она што го посочи Небојша Човиќ како амбиција за оваа сезона – титулите во Купот, првенството и АБА лигата. Драматичниот дуел беше решен во последните секунди, а покрај неверојатните грешки на играчите на Црвена Звезда, на тоа кумуваше и судиската тројка.
При една од последните акции на Жалгирис, во ситуација кога Литванците водеа со два поена разлика, Еванс веројатно ја згазна линијата од задно поле, арбитрите не се огласија по што имаше фаул и погодени слободни фрлања. Со оглед на тоа што спорниот момент се случи на десетина секунди пред крајот, Звезда ќе имаше време да организира напад и евентуално да се избори за продолжение или победа.
Јаго дос Сантос и Лука Митровиќ беа единствените светли точки на Црвена Звезда, Недовиќ имаше неколку добри период, но и грешки кои скапо го чинеа неговиот тим. Дос Сантос го заврши мечот со 21 поен и 14 скока, додека Еванс го предводеше Жалгирис со 25 поени, вклучувајќи пет тројки. Ова беше трета победа по ред за Жалгирис и со тоа ја помина Црвена Звезда на табелата, а се израмни со Олимпија Милано, Баерн и Анадолу Ефес.
РЕЗУЛТАТИ
Црвена Звезда – Жалгирис 91-93
Панатинаикос – Фенербахче 74-63
Барселона – Алба 93-77
Виртус – Монако 78-80


