Иако се шпекулираше дека ќе ги чува силите за финишот од Евролигата каде брка плејоф, Црвена Звезда не ги разочара своите навивачи и вечерва го совлада својот најголем ривал Партизан во првото АБА лигашко дерби оваа сезона.
Формално како домаќини, „црвено-белите“ го совладаа Партизан со 100-96 и го симна противникот од првото место на табелата во регионалното натпреварување. За бранителот на титулата ова беше втор пораз сезонава и сега е на делба на челната позиција, но Дубаи официјално е лидер поради подобрата кош разлика.
Плејмејкерот на Црвена Звезда, Коди Милер-Мекинтаер, одигра фантастичен натпревар, постигнувајќи 13 поени и девет асистенции. Џоел Боломбој исто така блескаше со дабл-дабл од 16 поени и 10 скока, додека капитенот на домашниот тим Огњен Добриќ постигна четири тројки, како и Батлер, кој имаше една помалку.
Центарот на Партизан, Бруно Фернандо и бекот Шејк Милтон, беа најдобри со по 15 поени.


