И 26 години по првиот меѓусебен натпревар на Црвена Звезда и Анадолу Ефес, српскиот шампион нема победа во Истанбул, па меѓу другото и затоа е аутсајдер на дуелот што е закажан за последното коло од основниот дел од оваа сезона.
Од резултатски аспект, Црвена Звезда нема никакви амбиции на овој меч што не важи за Ефес кој го брка десеттото место и пласманот во плејинот. Сепак, од финансиска гледна точка, Звезда и тоа како има интерес да триумфира во Истанбул и да го скрши мразот. Секоја победа во Евролигата се наградува со 40 илјади евра, а со оглед на тоа што „црвено-белите“ немаа многу триумфи оваа сезона, оваа сума може многу да значи.
Победа на Звезда желно очекува и градскиот ривал Партизан кој на тој начин би имал шанса за фамозното десетто место, под услов да ја победи Валенсија.


