Српскиот и АБА првак, Црвена Звезда нема да може да ја користи белградската Арена на почетокот на идниот месец и ќе мора привремено да се врати во салата „Александар Николиќ“, попозната како Пионир.
Причина за тоа е тенискиот турнир Белград Опен што ќе се одржи во српската престолнина, а поради кој Арената ќе биде зафатена од 1 до 9 ноември. Во тој период, Звезда има три натпревари на домашен терен од кои два во Евролигата и еден во АБА и сите три ќе мора да ги игра во Пионир.
Прв на програмата е дуелот со актуелниот европски шампион Панатинаикос, на 1 ноември, два дена подоцна Звезда ја пречекува Олимпија, а на 8 ноември ќе гостува Алба. И Партизан нема да може да ја користи Арена во тој период, но „црно-белите“ гостуваат кај Фенербахче, ФМП и Париз, а во Пионир ќе го пречекаат само Дубаи на 8 ноември.


