Црвена Звезда ја оствари четвртата победа во низа и во моментов ја има најдолгата серија во Евролигата откако вечерва ја совлада Басконија со 90-72.
По лошиот старт на сезоната, белградскиот тим продолжи да гази и во моментов воопшто не е далеку од првото место. Клучно за денешниот триумф беше одличното второ полувреме, особено третата четвртина која Црвена Звезда ја доби со 32-15 и го сврте резултатот во своја корист.
Претходно, Басконија со минимална предност од 43-40 го заврши првиот дел, но во него имаше предност и од шест разлика. Сепак, не го издржа темпото и одличната домашна публика и остана закована на последното место на табелата во Евролигата како единствен тим без победа по шест кола.
Најпријатно изненадување досега е дебитантот во елитната конкуренција Хапоел Тел Авив кој денеска ја продолжи одличната серија откако славеше против европскиот вицешампион Монако со 85-77. Блескаше Василије Мициќ кој постигна 22 поена, потврдувајќи дека полека се враќа во посакуваната форма од периодот пред да замине во НБА. Хапоел во моментов има биланс 5/1 и се наоѓа на првото место на табелата, пред утрешните преостанати натпревари од шестото коло.
РЕЗУЛТАТИ
Асвел – Дубаи 85-79
Хапоел – Монако 85-77
Барселона – Жалгирис 73-88
Олимпија Милано – Валенсија 100-103
Црвена Звезда – Басконија 90-72


