Дебитантот во АБА лигата, Дубаи има 2-0 оваа сезона во дуелите со бранителот на титулата и евролигаш Црвена Звезда.
По триумфот на домашен терен во првиот меч од сезоната, тимот од Обединетите Арапски Емирати вечерва славеше уште поубедливо, со 107-92, нанесувајќи ѝ го на Звезда третиот пораз во сезоната и прв на домашен терен. Очигледно „црвено-белите“ физички и емотивно се испразнија пред два дена со Париз, па денеска тотално потфрлија, особено во одбраната имајќи предвид дека првпат по три години примија 100+ поени во АБА лигата.
Клучна беше серијата од 13-0 во третата четвртина по која Дубаи отиде на +16, а во последниот период гостинскиот тим имаше и 20 поени предност. Во финишот Звезда се доближи на седум поени негатива, но Дубаи не дозволи драма и на крајот оствари и убедлива победа.
Со овој пораз Звезда го загуби чекорот со водечкиот тандем Партизан-Будуќност, екипи кои имаат една победа од актуелниот шампион. Дубаи сега се доближи на само еден бод од денешниот противник, но се уште е на четвртата позиција на табелата.


