Екипата на Будуќност оствари изненадувачки триумф вечерва на гостувањето кај Црвена Звезда, совладувајќи го бранителот на титулата во АБА лигата со 96-89 по продолжение.
Иако црногорскиот тим водеше речиси цел натпревар, Звезда имаше можност во финишот да направи пресврт и да дојде до посакуваниот триумф. Трагичар беше Коди Милер Мекинтаер кој во последните секунди, при водство на Будуќност од 80-79, имаше две слободни фрлања и шанса да му донесе победа на својот тим. Сепак, Американецот со бугарски пасош само еднаш беше прецизен и натпреварот отиде во продолжение во кое Будуќност доминираше и на крајот ги однесе бодовите.
По денешниот пораз, ситуацијата за Црвена Звезда е исклучително тешка кога станува збор за борбата за првото место на табелата по основниот дел и покрај тоа што до крајот остануваат уште десет кола. „Црвено-белите“ сега имаа 16/4, а Партизан и Будуќност по 18/2, а дополнителен проблем за актуелниот шампион е тоа што има полош биланс во меѓусебните дуели со тимот од Подгорица бидејќи во првиот дел од сезоната славеше со два разлика. Тоа значи дека во последните десет кола, Звезда треба да ги добие сите натпревари, а Будуќност најмалку три пати да загуби за евролигашот евентуално да биде прв.
Тука е и Партизан чии резултати исто така треба да ѝ се поклопат на Звезда, па не е исклучено „црвено-белите“ на крајот да бидат дури на третата позиција на табелата. Будуќност е во предност и во однос на Партизан затоа што го победи во Белград и во финишот од сезоната ќе го дочека на домашен терен.


