Непосредно пред почетокот на новата сезона, првиот човек на Црвена Звезда, Небојша Човиќ откри со колкав буџет располага клубот и кои ќе бидат амбициите.
Белградскиот клуб е актуелен освојувач на трофеите во АБА лигата, српското првенство и Купот на Србија, но претстојната сезона целта е да се направи исчекор во Евролигата.
„Нашиот буџет за сезонава изнесува 14,3 милиони евра за платите на играчите, плус 1,1 милион евра за стручниот штаб во кој влегуваат 13 лица. Имаме и медицински тим, администрација, младински селекции… Се разбира, тоа не се единствени трошоци, тука се и становите за играчите, менаџерски провизии, патувања, закуп на сали. Проценката е дека нашите вкупни трошоци како клуб ќе се движат меѓу 20 и 22 милиони евра.
Целта е одбрана на сите три трофеи и обид за пласман во топ-10 од Евролигата. Продадени се 10.191 сезонски билет и уште 350 преку спонзори“, рече, меѓу другото, Човиќ.
Претходните две сезони Звезда не успеваше да влезе во плејофот од Евролигата, а сега ќе има шанса дотаму да стигне барем преку плејин во кој ќе учествуваат екипите од седмата до десеттата позиција. За разлика од ривалот Партизан, „црвено-белите“ не направија коренити промени и основата повторно ќе ја сочинуваат играчите од минатата сезона.


